Проектот за новиот граничен премин Струмјани–Берово, договорен меѓу Бугарија и Република Северна Македонија уште во 1999 година, доби зелено светло по завршувањето на еколошките процедури, а неговото отворање е планирано за 2029 година, јавува 24 часа, пренесува Трибуна.
Бугарското Министерство за животна средина го одобри извештајот за оцена на влијанието врз животната средина за изградбата на преминот и на пристапниот пат долг 8,196 километри. Проектот е дел од програмата Интеррег „Бугарија – Северна Македонија“ 2021–2027, за што се предвидени 11 милиони евра.
„Се надевам дека роковите ќе бидат почитувани и во 2029 година ГП Струмјани–Берово ќе профункционира“, изјави градоначалникот на Струмјани, Емил Илиев.
Според заменик-министерката за регионален развој Десислава Георгиева, 2029 година е реален рок доколку се задржи сегашното темпо на работа. Дополнително финансирање сè уште се бара за пристапниот пат, кој треба да биде изграден со државни или европски средства.
Преминот, познат и како Клепало, ќе биде четвртиот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Предвидено е да работи 24 часа дневно и да пропушта патнички и товарни возила до 3,5 тони, но не и тешки камиони.
Градежната дозвола се очекува во 2027 година, по што треба да започнат главните градежни работи. Проектот предвидува тие да завршат до 2029 година.




















