СДСМ побара кривична одговорност за случајот со загадената вода во Гостивар.

На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека институциите реагирале доцна и не ја информирале навреме јавноста.

„По труењето на граѓаните на Гостивар, со над 4.000 заболени граѓани, по труењето на уште седум други населени места и загадување на две реки мора да има кривична одговорност“, изјави Кузеска.

Таа тврдеше дека институциите признале оти реагирале предоцна и дека јавноста сè уште нема добиено официјален потпишан извештај за анализите на таканаречената техничка вода.

СДСМ постави повеќе прашања, меѓу кои кој ги изработил анализите, кој го потпишал извештајот, кој ја одобрил употребата на водата и врз основа на кои параметри било утврдено дека е безбедна.

Партијата оцени дека за случајот мора да има и политичка и кривична одговорност.

Според СДСМ, кривична одговорност треба да сносат министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, директорите на надлежните центри за јавно здравје, како и, како што наведуваат, сите службени лица кои знаеле за состојбата, не презеле мерки и дозволиле да биде загрозено здравјето на граѓаните.

Од партијата порачаа дека нема да дозволат случајот да заврши без утврдување на одговорност.

Текстот (Видео) СДСМ: По труењето во Гостивар мора да има кривична одговорност е превземен од МАКФАКС.