Поради пандемијата на коронавирусот Италија ги одложи локалните и регионалните избори, што требаше да се оддржат до крајот на пролетта, соопштија денеска владини извори, во време на зголемен број на нови инфекции со новиот вирус.
Британските медиуми наведуваат дека изборите за градоначалници во поголемите италијански градови, како Рим, Милано, Торино и Неапол се одложени за периодот меѓу 15 септември и октомври, наведуваат анонимните извори, додавајќи дека владата ја потврди оваа одлуката.
Регионалните избори во Калабрија, исто така, се одложуваат.
Локалните избори се клучни во Италија затоа што тие често влијаат врз националната политика. Партиските лидери голем дел од своето влијание го градат токму преку контрола на градовите и важните региони.
Во моментов, повеќето партии од целиот политички спектар даваат поддршка на владата на национално единство, предводена од поранешниот лидер на Европската централна банка, Марио Драги, што значи дека локалната власт е ретка област каде партиите можат да ги спроведуваат своите политики.
Во земјата е веќе почната политичката кампања во пресрет на изборите, но здравствените власти сега предупредуваат на опасноста во следните неколку недели да дојде до трет бран на инфекцијата.
Во првите четири дена од оваа недела, бројот на новоинфицирани со коронавирус се зголеми за 25 проценти во споредба со минатата недела.
Владата пред два дена нареди затворање на сите училишта во најпогодените региони и ги прошири постојните ограничувања за движење и деловните активности. (МИА)