По објавата на британските медиуми дека Меган била премногу груба со членовите од персоналот, реагираше и Бекингемската палата…
Бекингемската палата соопшти вчера дека ќе ги истражи наводите на британскиот медиум „Times“ дека Меган Маркл (39) малтретирала неколку членови од персоналот пред да ја напушти кралската должности и да започне самостоен живот во Америка.
Од палатата изјавија дека се многу загрижени поради изнесените наводи и дека тимот за човекови ресурси ќе ги истражи сите околности.
„Членовите на персоналот кои тогаш биле вработени, вклучувајќи ги и оние кои го напуштиле работното место, ќе бидат повикани со цел да се истражи ситуацијата“, се наведува во изјавата.
Оттаму порачуваат дека не дозволуваат ниту пак ќе дозволуваат злоставување или вознемирување на работното место.
Спорниот натпис „Times“ го објави во вторникот повикувајќи се на извори кои тврдат дека војвотката од Сасекс избркала двајца лични асистенти од домаќинството и ја потценувала довербата на трето лице.
Портпаролот на Меган Маркл ги отфрли тие наводи, изјавувајќи дека тоа е напад на нејзината личност.
Сето ова се случува во пресрет на емитувањето на големото интервју на војвотката и војводата од Сасекс кое го дадоа за Опра Винфри, чие емитување се очекува на 7 март на CBS, и токму затоа војводите сметаат дека ова е само личен удар врз нив со цел да се отргне вниманието од интервјуто и пикантериите кои допрва ќе допрат до јавноста.