Изградбата на основното училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто влегува во својата завршна фаза, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

„Она што го затекнавме е навистина охрабрувачко. Градежните работи се одвиваат според предвидената динамика и проектот влегува во својата завршна фаза. Паралелно со изградбата, во финална фаза е и постапката за набавка на нов училишен инвентар, со што учениците ќе добијат современо опремени училници и квалитетни услови за настава уште од првиот училишен ден“, вели Стефковски.

Тој изрази очекување дека новото училиште ќе ги отвори своите врати на самиот почеток на новата учебна година.

„По цели 61 година, ООУ „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда – современ образовен објект кој ќе создаде подобри услови за учење, развој и напредок на сегашните и идните генерации ученици“, вели градоначалникот.

Вкупната инвестиција за реализација на овој капитален проект изнесува 170 милиони денари. Новото училиште се гради на приземје и еден кат, со вкупна површина од 3.128 метри квадратни, а во него ќе бидат сместени 30 современо опремени кабинети, со вкупен капацитет за 713 ученици.

Текстот (Фото) Стефковски: Училиштето „Крсте Мисирков“ во Ченто ќе ги отвори вратите на почетокот на учебната година е превземен од МАКФАКС.