Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија во официјална посета на државава.

По тет-а-тет средбата следеше пленарен состанок на македонската и на индиската делегација.

Предмет на разговорот беа актуелните македонско-индиски односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.

Соговорничките, исто така, разменија мислења за глобалните состојби, укажувајќи на потребата од почитување на меѓународното право и мирното решавање на споровите.

За Сиљановска-Давкова, посетата е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката. Во заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и во искуството од Движењето на неврзаните, таа препознава цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи.

Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар, може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.

Друпади Мурму оцени дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народи.

Според обете, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.

Текстот Историски момент: „Посетата на претседателката на Индија е важен исчекор во проширувањето на соработката“ е превземен од МАКФАКС.