Општина Центар работи на воспоставување нов Центар за дневен престој за лица со попреченост со индивидуален третман, во соработка со Здружението за дислексија „Ајнштајн“, со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светска банка. Услугата ќе обезбеди стручна и индивидуализирана поддршка за децата со попреченост на територијата на општината, каде само во осум основни училишта се евидентирани 107 ученици со попреченост, информираат од општината.
„Потпишавме договор со Здружението „Ајнштајн“ за соработка со јасно дефинирани обврски за реализација на услугата. Со оваа иницијатива правиме важен чекор кон достапна и инклузивна поддршка за децата со попреченост и нивните семејства. Нашата цел е да овозможиме континуирана стручна помош таму каде што е најпотребна, да помогнеме во интеграцијата на младите и да им дадеме квалитетна психосоцијална поддршка“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Според податоците од образовните и здравствените институции, голем број деца и млади со попреченост што живеат во општината немаат пристап до дневни центри ниту до стручна, индивидуализирана поддршка. Поради недостиг на специјализирани услуги, семејствата досега често биле принудени да бараат помош во приватни центри или да останат без соодветна грижа.
Проектот предвидува адаптација на простор, набавка на опрема и формирање стручен тим, а мапирањето на корисниците ќе се спроведе во соработка со училиштата, Центарот за социјална работа и родителите. Според динамичниот план, центарот треба да биде ставен во функција на почетокот на 2027 година.
Текстот Герасимовски: Нова инклузивна поддршка за децата и семејствата во Центар, дневен престој и индивидуален третман е превземен од МАКФАКС.




















