Во Гостивар засега нема да биде прогласена епидемија, сѐ додека не се утврди причината за големиот број заболени со стомачни тегоби, изјави министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во градот.
Тој рече дека повеќе институции спроведуваат епидемиолошки анкети и лабораториски анализи за да се утврди дали причинителот е поврзан со бактерии, вируси, паразити, тешки метали или друг извор. Од вчера се земаат и копрокултури, а резултатите од анализите на водата се очекуваат од понеделник.
Клековски апелираше граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби, посочувајќи дека досега се направени само 18 епидемиолошки анкети и се земени недоволен број копрокултури за да може да се утврди причинителот на заболувањата.
Клековски нагласи дека причината не треба да ја утврдуваат политичари или претставници на јавни претпријатија, туку епидемиолозите. Во однос на тврдењата на директорката на ЈП Комуналец, дека храната е можен извор на заразата, тој рече дека, според него, тоа е малку веројатно, бидејќи случаите траат веќе четири дена и зафаќаат голем број луѓе.
„Можам неформално да коментирам дека шансата 1.000 луѓе да се затрујат од храна е многу мала. Дополнително, ова трае веќе четири дена, така што за мене храната логички е исклучена како можен извор“, рече министерот Клековски.
Според министерот, бројот на пациенти останува висок и сличен како изминатите денови. Првите случаи биле регистрирани ноќта на 13 јули, а досега лекарска помош побарале над 1.000 граѓани. Во последните 24 часа биле примени 260 пациенти, од кои 100 на Детското одделение и 160 на Инфективното одделение.
Клиничката слика кај пациентите е слична – дијареја, повраќање, а кај дел од нив и покачена температура. Повеќето се третираат со инфузиона и симптоматска терапија, по што се пуштаат на домашно лекување, додека три деца се задржани на набљудување.
Клековски оцени дека Општата болница располага со доволен медицински кадар и неопходна терапија за сите пациенти, при што дел од лекарите и медицинските сестри од други одделенија се вклучени во работата на Инфективното одделение.
Во изминатите неколку дена повеќе од 1.200 жители на Гостивар побараа лекарска помош поради стомачни инфекции со интензивни симптоми. Вчера Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за забрана за пиење и користење на водата од градскиот водовод, додека не се добијат резултатите од анализите.
Исто така вчера, Министерството за внатрешни работи соопшти дека постојат основи на сомневање оти ЈП „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои вода била вбризгувана директно во главниот цевковод што го снабдува градот. Според МВР, активноста најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во водоводната мрежа поради недостиг на питка вода, со што било загрозено здравјето на граѓаните. Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за кривичното дело „загадување на вода за пиење“. Според објавените снимки, водата во градот вчера имала кафена боја.
Текстот Епидемија нема да се прогласи додека не се утврди причината за заболувањата во Гостивар, Клековски не верува дека е до храната е превземен од МАКФАКС.


















