Тоа што не се донесе Изборниот законик е доказ дека СДС, Левица и ДУИ, го блокираат напредокот на државата, а политичките игри им се пред интересот на граѓаните, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според оваа партија, недонесувањето на новиот Изборен законик е уште еден доказ дека СДС, Левица и ДУИ се подготвени да го блокираат секој процес што значи напредок за државата, само заради сопствени политички интереси.

„Изборниот законик не е прашање на дневна политика, туку важен реформски процес. Неговото донесување е потребно за усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за исполнување на обврските од Реформската агенда и за обезбедување дополнителен напредок и придобивки за граѓаните.

Македонија успешно реализираше 9 од 10 реформи од Реформската агенда. Единствената пречка е блокадата предводена од СДС, Левица и ДУИ.

Однесувањето на СДС, ДУИ и Левица покажува дека кога имаат можност, наместо да работат за државните интереси, избираат опструкции и политички калкулации. За нив поважна е партиската стратегија отколку напредокот на Македонија и придобивките за граѓаните.

СДС, ДУИ и Левица наместо да преземат одговорност и да придонесат за донесување на закон што е во интерес на сите, тие се обидуваат да создадат политичка драма и да се претставуваат како жртви“.

Граѓаните, посочуваат од владејачката партија, треба да знаат кој го кочи развојот и кој работи против реформите.

Како што додаваат, пропуштената можност за навремено усвојување на Изборниот законик значи и ризик од губење на дополнителни средства и можности од Планот за раст.

„Политичките игри на СДС, ДУИ и Левица нема да го спречат патот на реформите. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи за напредокот на државата, а одговорноста за блокадите останува кај оние што ги предизвикуваат“.

Текстот СДС, ДУИ и Левица со задкулисните игри го блокираат напредокот на државата, опозицијата не е за реформи туку за опструкции, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.