„Историјата нема да нè памети по тоа кој бил власт, а кој опозиција. Ќе нè памети по тоа дали сме имале храброст да донесеме одлуки кога и било најпотребно на државата и граѓаните. Губиме време, губиме пари за граѓаните. Само денес ризикуваме да изгубиме 4.2 милиони евра“, изјави во својот говор на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.
Во своето обраќање Зајкова вели дека за реформите колку и вината да ја бараме надвор, немаме право да ја користиме како оправдување за сопствената неспособност да постигнеме договор дома.
„Можеби е време сите политички партии, без разлика дали се власт или опозиција, да направат нешто што одамна требаше да го направат и за кое постојано како претседателка на ЛДП апелирам. Да се затвориме во една просторија. Да ги оставиме партиските прес-конференции, дневните пресметки и политичките поени пред вратата. И од таа просторија да не излеземе сè додека не излеземе со конкретни решенија, со јасни позиции и со национален план зад кој ќе можат да застанат сите што искрено сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија“, посочува Зајкова.
Зајкова вели дека граѓаните се веќе изморени од немањето резултати на европски план и дека наместо нови оправдувања, од надлежните очекуваат зрелост и одговорност.
„Крајно време е да престанеме да управуваме со европската агенда како политички конфликт и конечно да почнеме да ја водиме како национален проект“, заклучува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова во обраќањето пред Националниот совет за евроинтеграции.
Текстот Зајкова: Губиме време, губиме пари, само денес губиме 4,2 милиони. Дајте да се затвориме и да направиме национален план за патот до ЕУ е превземен од МАКФАКС.




















