Во Министерството за социјална политика, демографија и млади денеска беше извршено примопредавање на министерската функција, при што Ѓоко Велковски ја презеде должноста министер од досегашниот министер Фатмир Лимани.

Со преземањето на функцијата се обезбедува институционален континуитет во работењето на Министерството и во спроведувањето на политиките и реформските процеси во областа на социјалната политика, демографијата и младите.

Министерот Велковски, кој досега ја извршуваше функцијата заменик-министер, во изминатиот период активно учествуваше во креирањето и реализацијата на програмските активности и политиките на Министерството. Неговото досегашно искуство и непосредната вклученост во работата на институцијата претставуваат значајна основа за продолжување на започнатите процеси и за понатамошно ефикасно и одговорно функционирање на Министерството.

„Министерството за социјална политика, демографија и млади и во наредниот период ќе остане посветено на унапредување на системот на социјална заштита, јакнење на поддршката за семејствата, спроведување на мерките од областа на демографскиот развој и креирање политики што ќе обезбедат подобри услови и перспективи за младите.

Работењето на Министерството ќе продолжи да се темели на принципите на законитост, професионалност, транспарентност и отчетност, со цел доследно остварување на јавниот интерес и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, велат од таму.

Текстот Ѓоко Велковски ја презеде функцијата министер за социјална политика, демографија и млади е превземен од МАКФАКС.