Потрошувачката на електрична енергија за користење на клима уреди во Грција е двојно зголемена во споредба со периодот од пред неколку години, објавува денес „Катимерини“, повикувајќи се на податоците од „Евростат“.

Според извештаите, приближно 70 проценти од домаќинствата во Грција имаат барем еден клима уред, а земјата потрошила 11.900 тераџули за ладење на згради во 2024 година, во споредба со 5.850 TJ во 2018 година. Ова значи дека 7,4 проценти од енергијата што ја трошат домаќинствата во Грција оди за ладење, додека во 2018 година се користеле помалку од четири проценти.

Тоа е и трет највисок процент во Европската Унија, покажуваат податоците.

„Ако климатизацијата се сметаше за луксуз пред неколку години, денес таа стана неопходност, бидејќи речиси секое лето е потопло од претходното, а подолгите периоди на интензивна топлина стануваат сè почести“, оценува грчкиот весник.

Друг начин на кој климатската криза влијаела на потрошувачката на домаќинствата е поврзан со пазарот на облека. Многу поблагите зими и високите температури што преовладуваат во текот на целата година сега доведоа до тоа потрошувачите во Грција да купуваат сè помалку тешка облека, а четирите годишни времиња за индустријата за облека практично се укинати, објавува Танјуг.

Според „Катимерини“, ова создава сериозни проблеми за трговците на мало, кои се обврзани да управуваат со значителни залихи, што значи повисоки трошоци и пониски приходи.

Текстот Во Грција, двојно зголемена потрошувачката на електрична енергија за клима уреди е превземен од МАКФАКС.