Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој попладнево беше Кочани за лично да се информира за сите детали и околности поврзани со настанот од петокот, кој, според него, сериозно ја нарушил довербата во полициската служба.

„Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки. Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност“, рече Јанев.

Тој кажа дека внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица.

Кажа дека секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран.

Јанев, исто така, кажа дека очекува целосна професионалност и непристрасност во целиот процес.

„Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност. Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници. Во тек е темелна проверка и ќе следуваат јасни мерки за секој што го прекршил законот, процедурите или довербата што му е дадена“, рече Јанев.

Тој упати порака дека законот мора да важи еднакво за сите и дека криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност.

Во петокот, осуденик за трговија со дрога избега од полициска станица. МВР денеска распиша меѓународна потерница.

„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Лазаров Александар (41) од Кочани од татко Методи и мајка Даринка. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање од Основен суд Кочани за сторено кривично дело по член 215 став 1 вв.член 22 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.

Од СДС, пак, обвинија дека Лазаров е пуштен да избега и побараа оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„На наркодилерот Цуната, којшто се поврзува и со „Пулс“, инаку близок до ВМРО и Миле Лефков, вчера му отворија прозор во полициска станица, а денеска му ја кренаа рампата на граница да избега. Исто сценарио на ВМРО, веќе видено неколкупати. Сега откако го пуштија, МВР распишало потерница, каков блам, каков театар. Затоа Панче Тошковски не се менува, за да ги штити криминалците на власта“, реагираат од СДСМ.

Текстот Јанев од Кочани: Бегството од полициска станица е сeриозен инцидент, ова е недозволиво е превземен од МАКФАКС.