Оливер Спасовски, координатор на СДСМ, изјави дека на денешната седница имало нервоза и навреди кон пратениците на СДСМ и побара извунување од претседателот на Собранието, Африм Гаши.

„Оваа прес-конференција ја свикавме во вонредни околности, затоа што она што се случи на седницата на Собранието е вон сите демократски критериуми, особено што доаѓа од страна на претседател на Владата и на кандидат за министер. Целата македонска јавност беше сведок на една огромна нервоза во моментите кога се разговара за дебаклот и за неуспесите во двете години на извршната власт“, рече Спасовски.

Тој кажа дека навредите што денеска биле упатени кон двајца пратеници на Социјалдемократскиот сојуз, заменик-координаторот Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите и за изборот на Владата, не било напад што се случува првпат.

„Меѓутоа, тоа претставува говор на омраза кој сигурно може да роди насилство. А тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници не само вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере. Ниту случувањата во овие две години, ниту лошата економска состојба, ниту катастрофите во земјоделството, ниту лошите социјални политики, ниту стопирањето на европскиот пат не може да се анулираат преку напади кон опозицијата, ниту, пак, преку напади кон пратениците“, рече Спасовски.

Тој кажа декаособено го загрижува молчењето на Фаши кој, како што вели, бил должен да реагира.

„Особено ме загрижува молчењето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој немаше ниту една реакција, а беше должен да реагира затоа што претседава со седницата, затоа што тоа што беше кажано не е во рамките на нормите на Деловникот и затоа што Собранието едногласно донесе Етички кодекс, со кој се пофалија, или ако сакате, се пофаливме сите ние. Меѓутоа, тој не може да важи само за пратениците во Собранието. Тој треба уште повеќе да важи за гостите во овој законодавен дом, а тоа се претседателот на Владата, членовите на Владата и сите оние што ги избира Собранието. Тие еднаш засекогаш мора да запаметат дека мора да бидат одговорни пред оние што ги избираат, односно на тој начин да покажат дека се одговорни пред граѓаните, бидејќи пратеникот е претставник на граѓаните. Затоа апелирам и барам извинување, затоа што никој апсолутно не заслужува да биде навреден, на никого да му се упатуваат закани и на никого да му се упатуваат пцовки“, вели Спасовски.