Популарниот јутубер Стефан познат како „Steffonator“ е еден од најпознатите македонски јутјубери.
23-годишниот Стефан на својот јутјуб канал после долго време објави видео во кое храбро ја раскажа својата потресна, интимна приказна. Храбро одлучи да прозборе за тема која многумина ја сметаат за табу.
„Време е да зборуваме“, го почна своето видео Стефан, велејќи дека ова е најсериозното и најважното видео кое некогаш го направил. Тој откри зошто не бил активен на социјалните мрежи во последните неколку месеци.
„Некаде летото 2020 осетив болки во тестисите, бев на лекар, ми препишаа антибиотик, кој ми помогна и болките ги снема. Но, неколку дена после тоа чувствував пак нешто чудно… Повторно отидов на лекар, ми направија дополнителни испитувања и испадна дека на 23 јули 2020 година, ден што никогаш нема да го заборавам… бев дијагностициран со тумор“, емотивно раскажува Стефан.
„Во тој момент направив нешто што е многу погрешно, што не треба никој да го прави а тоа е го зима телефонот и… почнувам да гуглам, во тој момент во мојата глава се случуваше хаос, затоа што читаш работи на „Гугл“ – што не треба да ги прочиташ, во глава си правиш илјада сценарија и помислуваш одма на најлошо“, продолжува Стефан.
Стефан вели дека лекарите му сугерирале дека единствено решение е итна операција. Го оперирале и потоа следела хемотерапија.
„Хемотерапија е нешто што најтешко го издржав, беше тешка и операцијата бидејќи после операцијата јас неколку не можев да станам од кревет, имав страшно болки… За време на хемотерапија сѐ ти се пореметува, почнуваат да ти паѓаат сите влакна, цел тој период… константни нагони на повраќања… Хемотерапија се отрови, буквално отрови што ги уништуваат сите лоши клетки во тебе“, вели Стефан.
Стефан вели дека покрај тоа што му е непријатно да го сподели нешто волку приватно со јавноста, но како што вели тој чувствувал некаква одговорност.
„Не сакам толку да го држам како некое табу дека некој има тумор, па сега треба да ќутиме за тоа, да криеме, леле срамота има тумор“, вели Стефан.
Тој вели дека еден месец после хемотерапија се прават испитувања и се гледа како делувала терапијата…
„Иако имаше прогноза дека терапијата е 99% успешна, излезе дека јас не сум во тие и дека треба да правам уште една операција…“, продолжува Стефан велејќи дека сево ова е една голема лекција, од која сфаќаш дека здравјето е најважното нешто во животот.
Целото видео погледнете го овде.