Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска во детската градинка „8 Март“ во населбата Расадник присуствуваше на промоцијата на новата едукативна детска боенка посветена на најубавите и најзначајните катчиња во општината.
Станува збор за, како што појаснуваат од општината, креативен проект преку кој најмладите жители ќе можат да ги запознаат најважните градби и знаменитости во Кисела Вода. На страниците на оваа боенка се илустрирани голем број препознатливи локалитети, меѓу кои излетничкото место Три Круши, Домот на културата, Паркот на шахот, рекреативниот центар Пеленица и многу други значајни места за општината.
Боенката е изработена по иницијатива на градоначалничката од страна на Одделението за предучилишно воспитание при Општина Кисела Вода, а ќе им биде поделена на сите дечиња од големите групи во сите детски градинки на територијата на општината.
-Целта на оваа иницијатива е од најрана возраст да им ги доближиме на децата убавините, знаменитостите и културата на нашата Кисела Вода. Преку боењето на овие локалитети тие не само што ја развиваат својата креативност и моторика, туку и учат да го сакаат своето родно место. Голема благодарност до Одделението за предучилишно воспитание кое ја преточи оваа идеја во прекрасно дело. Нашата грижа и вложување во најмладите остануваат наш врвен приоритет- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Текстот Преку едукативна боенка најмладите ќе учат за знаменитостите на Општина Кисела Вода е превземен од МАКФАКС.

















