По информацијата дека албанската полиција задржала на граница двајца народни избраници, претседателот на Сoбранието, Африм Гаши, вели дека е загрижен за постапувањето кон пратениците на граничниот премин „Ќафасан“.

„Како претседател на Собранието, изразувам загриженост во врска со информациите за постапувањето кон пратениците на Собранието на Република Северна Македонија на граничниот премин „Ќафасан““, вели Гаши.

Пратениците, додава тој во реакцијата, се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат.

„Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот.

Имајќи ги предвид традиционално добрососедските, а пред сѐ братските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, верувам и очекувам целосно и транспарентно разјаснување, кое ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира нашите односи“, додава Гаши во реакцијата.

Текстот Гаши за задржувањето на пратеници на „Ќафасан“: Очекувам целосно и транспарентно разјаснување е превземен од МАКФАКС.