Вчера вечер, на три локации во Скопје – две во Аеродром и една во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“, беа затекнати лица при нелегално исфрлање шут и отпад, со што директно се загрозуваат животната средина, здравјето на граѓаните и изгледот на нашиот град, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Сторителите се лоцирани, веднаш евидентирани и добија налог денеска да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им биде изречена соодветна глоба согласно законските прописи.

Дополнително, наложено им било уште синоќа да го подигнат отпадот и да го однесат на соодветна депонија, со задолжително приложување кантарска белешка како доказ.

„Сакам да бидам јасен – нема да дозволам поединци да го грдат лицето на Скопје, да го загадуваат просторот во кој живееме и да ја загрозуваат иднината на нашите деца. За вакви појави нема оправдување. За вакво однесување нема толеранција. За уништување на Скопје – ќе има одговорност“, вели Ѓорѓиевски и упати апел до сите граѓани да го чуваат Скопје како сопствен дом.

„Да не дозволиме неодговорноста на поединци да ја поништи работата, трудот и желбата на илјадници скопјани кои сакаат чист, уреден и достоинствен град“, рече Ѓорѓиевски и истакна дека инспекторите се 24 часа на терен и будно го следат секое нарушување на животната средина.

Текстот (Фото) Граѓани затекнати како фрлаат шут и отпад пред зграда во Аеродром и на „Рузвелтова“, ќе бидат парично казнети е превземен од МАКФАКС.