Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потпиша Меморандум за разбирање со „Emirates Investment Group“, со цел воспоставување рамка за соработка во насока на меѓународно позиционирање на предложената иницијатива за Дигитален иновациски хаб.

Меморандумот, од страна на „Emirates Investment Group“, го потпиша Хамад Ал Шамси, претседател на Бордот на групацијата.

Целта на меморандумот, според соопштеното, е да се овозможи соработка во делот на подготовка на стратешки и инвестициски презентациски материјали, обезбедување советодавна поддршка, усогласување со најдобрите практики од ОАЕ и меѓународните практики, како и поддршка во процесот на привлекување меѓународни инвеститори, стратешки партнери и технолошки оператори.

Министерството за дигитална трансформација преку ваквите активности, додаваат од оваа институција, продолжува да работи на отворање нови можности за поголема меѓународна видливост на земјата во областа на дигиталните инвестиции, иновациите и напредните технологии.

Оваа соработка, појаснуваат од министерството, претставува важен чекор кон зајакнување на дигиталниот екосистем, создавање услови за нови партнерства и поддршка на иницијативи кои можат да придонесат за економски развој и подобро позиционирање на државата во глобалните технолошки текови.

Текстот Усогласување со најдобрите практики од ОАЕ: Андоновски потпиша Меморандум за разбирање со „Emirates Investment Group“ е превземен од МАКФАКС.