Шпанија во мај ја посетиле околу 10,3 милиони странски туристи, што е за 9,5 отсто повеќе во однос на истиот месец минатата година и претставува нов рекорд за мај, соопшти Шпанскиот национален институт за статистика (ИНЕ).

Најмногу туристи пристигнале од Велика Британија, речиси 2,2 милиони, што е зголемување од 6,1 отсто во споредба со мај минатата година. По неа следува Франција со околу 1,3 милиони посетители и раст од 11,1 отсто, како и Германија, од каде што пристигнале приближно 1,3 милиони туристи, односно девет отсто повеќе од претходната година. Најголемиот број посетители, околу 5,4 милиони, престојувале во Шпанија помеѓу четири и седум ноќевања, што е за 14,1 отсто повеќе во однос на мај 2025 година.

Бројот на еднодневни посети на Шпанија се зголеми за 2,7 отсто, додека бројот на туристи што престојувале подолго од 15 ноќевања се намалил за 3,7 отсто. Каталонија била најпосетуваниот шпански регион, со удел од 21,1 отсто во вкупниот број на пристигнувања на странски туристи, пред Балеарските Острови со 20,6 отсто и Андалузија со 15,9 отсто.

Шпанија од почетокот на годината до крајот на мај ја посетиле повеќе од 36,8 милиони странски туристи, што е зголемување од пет отсто во споредба со истиот период минатата година, се наведува во соопштението на веб-страницата на ИНА.

Меѓународните туристи потрошиле рекордни 13,5 милијарди евра во Шпанија во мај, што е за 10,9 отсто повеќе во однос на истиот месец минатата година, додека просечната дневна потрошувачка се пораснала на 214 евра. Просечната потрошувачка по турист изнесувала 1.321 евро, што е за 1,2 отсто повеќе во однос на мај 2025 година.

Во периодот од јануари до крајот на мај, меѓународните туристи потрошиле вкупно 50,26 милијарди евра во Шпанија, што е за 7,8 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.

 

Текстот Шпанија во мај ја посетиле рекордни 10 милиони туристи е превземен од МАКФАКС.