Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања упати критики и го обвини Христијан Мицкоски дека за 2 години ниту едно ветување дадено пред граѓаните не исполнил и дека ги излажал граѓаните.
„Кога баравте власт и кога граѓаните ги молевте да ви дадат доверба, ветувавте сè и сешто. Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок“, рече Филипче.
Тој потсети дека истите ветувања биле запишани и во програмата „1198“, но дека денес реалноста е сосема поинаква.
„Во вашата програма 1198 и во вашето експозе едноставно ветувавте мед и млеко. И сега помина половина од мандатот. Две години. А денес вистината е сурова. Ниту едно од овие ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека наместо исполнети ветувања, граѓаните добиле поскап живот и економска несигурност.
„Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10% од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на економските показатели, претседателот на СДСМ истакна дека Владата не ги реализирала ниту ветувањата за животниот стандард и платите.
„Ветивте поголем животен стандард. Животниот стандард е намален. Сиромаштијата е зголемена. Ветивте поголеми плати, а македонските работници сега имаат најниски плати во Европа. Три минимални плати едвај ги покриваат основните трошоци за животот. И ова не го исполнивте. Нема 600 евра минимална плата. Не само што нема, не сакате ни да слушнете, ни да дискутирате за тоа.“ потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека Владата не го исполнила ниту ветувањето за ниска инфлација и стабилни јавни финансии.
„Ветивте инфлација од 2,5 проценти, а таа е сега 4,8. Речиси двојно повисока од вашето ветување и од европскиот просек. Буџетот е пред колапс. Нема пари за ништо“, рече тој.
Во однос на задолжувањето, Филипче нагласи: „За две години ја задолживте државата со нов дополнителен долг од 2,5 милијарди евра. Јавниот долг сега изнесува близу 11 милијарди евра. И тоа ветување не го исполнивте… Нов долг од 2,5 милијарди евра, а нема пари за плати за работниците, нема пари за мерки за граѓаните и нема пари за земјоделците. Па се поставува прашањето каде завршија милијардите од задолжувањето.“
Тој потенцираше дека не се реализирани ниту ветувањата за странските инвестиции и поддршката за стопанството.
Филипче оцени дека Владата целосно ги изневерила и земјоделците и дека резултатот од двегодишното владеење е целосен неуспех и му постави прашање на Мицкоски.
„Една голема нула. Нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто, едноставно: Кој е крив за овие неисполнети ветувања? Кој е крив, премиере, за овие две изгубени години? Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте? И немојте повторно да барате виновник. Немојте да сум виновник јас или Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Текстот (Видео) Филипче до Мицкоски: За две години ниту едно ветување не исполнивте, ги излажавте граѓаните е превземен од МАКФАКС.

















