Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, во гостувањето во емисијата Топ тема на Телма ТВ изјави дека со Планот за борба против корупцијата нема да има недопирливи и целта е да се елиминира човечкиот фактор во сите постапки.

Според него, државата треба да ги има и сите механизми за конфискација на нелегално стекнатиот имот без разлика за кое лице и да се работи.

Една од новините е тоа што граѓаните во иднина нема да чекаат ред пред шалтерите за да добијат извод од матичната книга на родени, венчани или починати, туку хартиената потврда ќе биде заменета со електронска која институциите ќе ја добиваат преку националниот регистар на население. Човечкиот фактор ќе биде елиминиран, а со процесот на дигитализација, Николовски очекува дека ќе се намали корупцијата. Во овој процес, како што најави, ќе има промена на околу 100 материјални закони.

Прашан дали гледа преклопување со надлежностите на Антикорупциската комисија каде се поднесуваат претставки за сомнежи за корупција, Николовски со став дека треба да се отворат повеќе канали на пријавување.

– Не гледам дека буквално има некакво преклопување. Ние сме дале целосна поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата во било кој сегмент да се овозможат услови за работа без разлика дали се тоа простории, дуплиран буџет којшто го доби Комисијата, дали е тоа набавката на софтвер за поврзување со 17 институции до кои Комисијата денес нема пристап…, истакна Николовски.

Во однос на случајот со генералниот директор на МЕПСО очекува судска разрешница.

– Очекуваме судска разрешница и како ќе каже судот, така треба да се постапи, рече Николовски.