Поранешниот градоначалник на Општина Лозово од редовите на СДСМ, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил предложи мерка која, како што наведува, би била дел од програмата на новата едногодишна млада влада.

„Платите на судиите и јавните обвинители да бидат двојно повисоки од платата на премиерот“, наведува Велковски, оценувајќи дека со години државниот систем е управуван од исти политички структури кои, според него, ја турнале Македонија во сиромаштија, неизвесност и безнадежност, додека истовремено зборуваат за европска иднина.

Тој посочува дека не може да се гради европска иднина врз сиромашен народ, разурнати институции и недоверба во правдата, поради што, како што наведува, една од мерките мора да биде јасна и без компромис.

Според предлогот, платите на судиите и јавните обвинители би биле двојно повисоки од платата на премиерот на Македонија, а тие би ги имале и истите институционални привилегии како премиерот.

Како причини за оваа мерка, Велковски наведува дека правдата мора да биде посилна од политиката и дека е потребно да се прекине секој обид за притисок, влијание и контрола врз правосудниот систем.

„Сиромашна држава без правда – е држава без иднина. Европа не е слоган – Европа е систем. А систем без независно судство е само празна приказна“, наведува тој во објавата.

На крајот од својата порака, Велковски истакнува дека ова не е политичка порака, туку предупредување, додавајќи дека државата мора да стане вистински европска или ќе продолжи да живее во сиромаштија со европски ветувања.