76-годишна жена во Тексас, САД, загина откако автомобил „Тесла“, управуван од возач кој тврдел дека го користел системот за автопилот, се заби во ѕидот од нејзината куќа. Трагичната несреќа се случила пред три ноќи, а полицијата ги објави првите детали од истрагата, објави Unilad.
Мајкл Батлер возел „Тесла“ Модел 3 кога автомобилот одеднаш скршнал од патот и, според извештајот од канцеларијата на шерифот на округот Харис, удрил во куќа со голема брзина. Возачот им рекол на истражителите дека „системот за автоматска помош при возење“ бил вклучен во времето на несреќата. Според полицискиот извештај, Батлер не успеал да го држи возилото во едната сообраќајна лента пред да излезе од патот.
Марта Авила во тој момент била во куќата и била удрена од возилото. Таа била префрлена со хеликоптер во блиската болница, каде подоцна им подлегнала на повредите. Канцеларијата на шерифот ја потврдила силата на ударот. „Теслата на Батлер поминала низ куќата од тули со голема брзина и ја удрила г-ѓа Авила, која била внатре“, се вели во соопштението.
Ќерката на починатата, Џенифер Барбур, ја опишала својата мајка како личност во одлично здравје. „Мајка ми беше исклучително дарежлива и љубезна. Таа беше во совршено здравје, на 76 години, не примаше никакви лекови, ништо, немаше здравствени проблеми. Ќе живеше до 100 години, како мојата баба“, додаде таа.
Фотографиите од местото на настанот покажуваат голема дупка во ѕидот на куќата и остатоци расфрлани низ дворот. Семејството започна кампања GoFundMe за собирање пари за трошоци за погреб и привремено сместување, бидејќи нивниот дом е прогласен за небезбеден за живеење.
„Куќата сега е неупотреблива и под истрага, принудувајќи го нашето семејство привремено да се пресели додека се справуваме со оваа незамислива загуба“, се вели на страницата.
Возачот, Мајкл Батлер, исто така е однесен во болница со повреди. Полицијата вели дека тој „не покажувал знаци на интоксикација“ и целосно соработува со истрагата.
Во моментов не се поднесени обвиненија против него.
„Тесла“ нагласува дека нивните системи за автопилот и помош на возачот бараат возачот да биде буден и подготвен да ја преземе контролата врз возилото во секое време. Во последниве години, несреќите со оваа технологија привлекуваат сè поголемо внимание од јавноста.
Текстот „Тесла“ на автопилот се заби во ѕид од куќа во САД, една жена загина е превземен од МАКФАКС.













