Франција воведе забрана за продажба и консумирање алкохол на дел од настаните во рамки на националниот музички фестивал Fête de la Musique поради силниот топлотен бран што ја зафати земјата.

Властите издадоа највисок степен на предупредување – црвен аларм – за 35 француски департмани, а од кабинетот на премиерот Себастијан Лекорну соопштија дека на државните настани нема да се служи алкохол.

Француската влада ги повика граѓаните да ја ограничат консумацијата на алкохол со цел да се намали притисокот врз итната медицинска помош и здравствените служби, кои во наредните денови се очекува да бидат дополнително оптоварени поради високите температури.

Според прогнозите, во недела температурите во голем дел од земјата ќе се движат меѓу 39 и 40 Целзиусови степени, а во некои региони може да достигнат и до 41 степен. Француската метеоролошка служба Météo-France предупреди дека сѐ уште не е јасно колку долго ќе трае топлотниот бран, кој зафаќа околу три четвртини од населението.

Екстремните горештини веќе предизвикаа сериозни нарушувања во секојдневниот живот. Откажани се десетици железнички линии, а наставата е прекината во дел од училиштата. Во Париз, градските власти ги оставија парковите и градините отворени во текот на целата ноќ за да им овозможат на жителите и туристите полесно да се справат со високите температури.

Музичкиот фестивал Fête de la Musique се одржува повеќе од четири децении и традиционално се организира на денот на летната краткоденица, привлекувајќи милиони посетители низ Франција. Минатата година, само во Париз на фестивалските настани присуствувале околу два милиони луѓе.

Текстот Црвен аларм во Франција поради екстремните горештини, забранет алкохол на јавни настани е превземен од МАКФАКС.