Иран објави затворање на Ормускиот Теснец за поморски сообраќај како одговор на израелските напади врз јужен Либан, кои Техеран ги смета за прекршување на претходните договори со Соединетите Американски Држави.

Централната команда на иранските вооружени сили соопшти дека се прекинува пловидбата низ еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и природен гас. Во соопштението, пренесено од иранската државна телевизија, се наведува дека затворањето на Ормускиот Теснец претставува прв чекор во одговорот на, како што тврди Техеран, прекршувањето на обврските од страна на противниците.

„Со ова објавуваме дека Ормускиот Теснец се затвора за поморски сообраќај. Нагласуваме дека ова е првиот чекор како одговор на непријателското прекршување на ветувањата. Доколку агресијата продолжи, ќе бидат планирани и преземени дополнителни мерки за противникот да биде принуден да ги почитува своите обврски“, соопшти иранскиот воен врв.

Иранските власти тврдат дека израелските напади врз јужен Либан ги нарушиле договорите што Техеран претходно ги постигнал со Вашингтон и предупредуваат дека продолжувањето на воените операции може да предизвика дополнителна ескалација во регионот.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека наскоро очекува да отпатува во Швајцарија на разговори со Иран.

Во интервју за „Фокс њуз“, Венс рече дека очекува да се одржи примирјето договорено со 14-точковниот договор од Вашингтон и нагласи дека не видел никакви докази оти Ормускиот Теснец навистина е затворен.

Вашингтон и Техеран претходно оваа недела потпишаа рамковен договор со кој се предвидува прекин на непријателствата во регионот и обновување на комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот Теснец. Дополнителните преговори за спорните прашања, меѓу кои и иранската нуклеарна програма, треба да продолжат во рок од 60 дена.

Првата рунда разговори за можен нуклеарен договор во Швајцарија првично беше закажана за петок, но беше откажана поради обновените судири меѓу израелската армија и проиранската група Хезболах во Либан.

На почетокот на преговорите за рамковниот договор, Иран побара значителна финансиска помош за обнова. Договорот предвидува најмалку 300 милијарди долари фонд за реконструкција, но прашањето за финансирањето сè уште не е решено. Техеран дополнително бара укинување на банкарските санкции за повторно да добие пристап до меѓународниот финансиски систем и легално да ја продава својата нафта, најважниот извор на приходи за земјата.

Иран повеќепати нагласи дека нема да има конечен договор доколку ова барање не биде исполнето.

Текстот Иран објави затворање на Ормускиот Теснец е превземен од МАКФАКС.