Бобан Илиќ го чекаше последниот момент за да се јави во затворот во Куманово каде треба да ја отслужи 4-годишната затворска казна. Илиќ се предаде сам, само еден час пред да истече рокот, па затоа немаше потреба да интервенира полицијата. Во истиот затвор со осуденикот за убиството на Алмир Алиу, ќе бидат сместени и таткото на 4-годишното дете и неговите роднини.

Адвокатот на семејството Алиу, Асмир Алиспахиќ, вели дека е загрижен поради одлуката – двете страни да издржуваат казна во ист затвор и во исто време.
Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски гарантира за безбедноста на сите затвореници.

Адвокатот Алиспахиќ, додава дека согласно законските одредби, осудениот Бобан Илиќ треба да биде испратен во Идризово или Шутка, затвори каде се издржуваат казни повисоки од три години.

Бобан Илиќ ќе издржува ефективна затворска казна помала од три години, затоа што му се смета и времето поминато во притвор и куќен притвор. Трагичната несреќа во која Бобан Илиќ со автомобил удри и му нанесе тешки телесни потврди со смртни последици на малиот Алмир, се случи на 25 јуни 2016 година.

Одењето на Илиќ во затвор уследи по вчерашната драма, каде иако Кривичниот совет на Основниот суд-Куманово одлучи да му го одложи почетокот на извршувањето на казната затвор за три месеци, сепак, по жалбата на Обвинителството, одлуката беше поништени и Илиќ веднаш беше поканет на издржување на казната. Апелациониот суд ја потврди затворската казна од 6 месеци за таткото на Алмир и 9 месеци за двајцата членови од неговото семејство.