Амбасадата на Франција во земјава остро го осуди вчерашниот инцидент кога беа запалени две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје, јавува 360 степени.

„Изразуваме целосна солидарност со персоналот на Амбасадата на Бугарија. Ништо не може да го оправда ваквиот напад врз безбедноста на дипломатските претставништва, која мора да биде загарантирана во сите околности“,велат од Амбасадата на Франција.

Оттаму ја поздравија брзата реакција на властите во земјава и преземените напори за целосно расчистување на инцидентот и ги охрабрија властите во Скопје и Софија да работат на создавање клима на доверба во нивните билатерални односи.

Неколку часа по опожарувањето на двете дипломатски возила на амбасадата на Бугарија во Скопје, од Министерството за внатрешни работи вчера попладне соопштија дека е уапсен 44-годишен маж осомничен за инцидентот. Најавија дека против него ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка.