Струмичанецот Митко Ѓоргиев тврди дека бил физички нападнат само затоа што се декларира како Бугарин. Нападот се случил пред неколку дена од страна на две лица во центарот на Струмица, а единствената причината како што вели била неговата бугарска националност.
,,Јас по националност сум Бугарин, но сум еден лојален граѓанин на Република Македонија. На мене татковина ми е тоа и затоа се чудам како може 21 век, во држава каде претендираме да станеме членка на европското семејство да бидам нападнат затоа што сум по националност бугарин.,, вели Митко Ѓорѓиев.
Ѓоргиев вели лицата го нападнале од зад грб додека се движел со неговата сопруга. Тврди дека претходно не остварил никаква комуникација со нив, ниту им се обратил, ниту имало некаква провокација или вербална расправија.
,,Без никаква напомена, додека шеташ по улица, од позади, на некаков ненормален начин, со таква агресија во присуство на сопругата, еден напад во темно, тоа мислам дека е крајност и тоа кажува колку е демократскиот капацитет во оваа држава во сред центар да биде нападнат еден граѓанин на Република Македонија, лојален граѓанин на Република Македонија.,, вели Ѓоргиев, за Сител.
Ѓоргиев нападот го пријавил во полиција, а за случајот ги известил и бугарската амбасада и конзулатот во Македонија.
Од МВР денеска информираа дека полициската станица Струмица го расчистила случајот. За истиот две лица биле повикани на разговор и против нив ќе биде поднесена пријава за физички напад по член 12 од законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Од таму потенцираат дека МВР презема мерки за расчистувања на сите случаи, без разлика на тоа од која националност се нападнатите или напаѓачите. Додаваат дека законот важи еднакво за сите и се преземаат мерки за расчистување на сите пријавени случаи./Sitel.mk