СДСМ денеска објави, како што велат од партијата, нова бомба на антикорупцискиот тим, а станува збор за фирми кои фобивале тендери од власта.
„АКТ веќе објави тендерски скандали вредни над 100 милиони евра, како едни исти, омилени фирми на власта добиваат тендери. Три од овие омилени фирми се издвојуваат: Ленди Груп ДООЕЛ Скопје, која добила 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за период од две години. Пирамид билдинг солушнс, со 51 тендер вреден 16 милиони евра и Масев ДООЕЛ со 93 тендери во вредност од 18 милиони евра. Денеска објавуваме уште еден аспект на целата бизнис-шема, уште еден скандал. Овие омилени фирми за тендери на власта имаат само 2 исто така омилени фирми со заеднички проектанти и надзор. Во десетици општини и институции низ државата се повторува ист образец: истите изведувачи добиваат милионски тендери, а над нив работат само две фирми – „МГ Проект“ и „МБМ Архитекти““, објави Јон Фрчкоски од СДСМ.
Тој посочи и неколку примери за тоа како биле врзани фирмите.
„Еве неколку примери за тоа како се врзани. 1.Ленди Груп и МГ Проект – Во Кисела Вода, каде до скоро беше градоначалник Орце Ѓорѓиевски: изведувач на градежни работи е омилената фирма „Ленди Груп“, а за стручен надзор – МГ Проект. Реконструкција на улици, партерно уредување на салата „Расадник“ и други проекти. Општина Илинден: изведувач е омилената Ленди Груп, а за надзор, погодувате, МГ Проект. Апсолутен рекордер со 100 микродоговори. 2.Пирамид билдинг и МБМ Архитекти – Општина Аеродром: изведувач е омилената фирма Пирамид билдинг, а главен договор за надзор има МБМ Архитекти. Општина Гази Баба: омилената фирма Пирамид билдинг, а МБМ Архитекти има два клучни договори: еден за надзор над изградба на објекти и еден за надзор над патна инфраструктура. Истото важи и за Мастеф. Компанијата за урбана опрема и игралишта работи исклучиво под надзор на МБМ Архитекти и МГ Проект. Општините Кисела Вода, Аеродром, Брвеница, Неготино, Министерството за спорт. За сите проекти каде работи Мастеф, се знае кои се надзор и проектанти“, рече тој.
Овие две фирми, додаде Фрчкоски, имаат подолга историја на работење во Македонија со проектирање и надзор, но никогаш претходно, како што кажа, во вака структурирана шема поврзана со парите од унгарскиот кредит и омилените изведувачи на ВМРО-ОКГ.
„Тоа го потврдуваат и бројките за профитот и склучените договори само во изминатите две години, во кои ВМРО-ОКГ има апсолутна власт во државата и во кои се реализира унгарскиот заем (со кинески пари). Па така, МГ Проект во овој период успева да склучи договори со вкупна вредност од 2,4 милиони евра. А МБМ Архитекти за овој период успева да склучи договори вредни 2,9 милиони евра. Во проценти, ако пресметаме, од 2024 година имаат раст од неверојатни 288,65%. Случајно е тоа што едни исти фирми добиваат тендери и едни исти омилени фирми вршат надзор и проектирање? Ништо не е случајно. Сè е бизнис-шема за Мицкоски и ВМРО-ОКГ, буквално сè“, вели Фрчкоски.
















