Зголемување на економската соработка и трговската размена меѓу Македонија и Турција, унапредување на билатерланите односи и создавање нови можности за соработка и инвестиции, беа тема на средбата меѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со министерот за трговија Омер Болат како и Абдулкадир Уралоглу, министерот за транспорт на Турција.
Средбата се оддржа во рамки на македонско-турскиот бизнис форум што се одржува денеска во Истанбул.
На средбата беа потврдени заедничките заложби на двете земји за продлабочување на економските врски, притоа се разговараше за конкретни чекори кои ќе придонесат за зголемување на трговската размена, поттикнување на инвестициите и подобрување на деловната клима за компаниите од двете држави.
Турција претставува еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија, долгогодишните пријателски односи меѓу двете земји се темел врз кој успешно се развива и економската соработка. Во духот на ова партнерство, целта е односите да ги подигнеме на уште повисоко ниво, преку нови иницијативи и зголемена економска активност, истакна вицепремиерот Николоски.
Посебен фокус на средбата беше ставен на развој на инфраструктурата и регионалното поврзување, притоа вицепремиерот истакна дека во Македонија се реализира најобемниот инвестициски циклус во изградба и модернизација на целокупната инфраструктура и ги повика сите заинтересирани турски компании да земат учество на меѓународните повици.
Голем број успешни турски компании веќе работат на македонскиот пазар и даваат значаен придонес во развојот на економијата, отворањето нови работни места и зголемувањето на конкурентноста. Токму ваквите позитивни искуства претставуваат дополнителен поттик за привлекување нови инвеститори, истакна вицепремиерот Николоски.
Говорниците се согласија дека Македонија и Турција ќе продолжат да градат силно партнерство засновано на меѓусебна доверба, пријателство и заедничка визија за економски развој и поголема регионална соработка.
Текстот Николоски: Македонија и Турција продолжуваат да градат силно партнерство за економски развој и регионална соработка е превземен од МАКФАКС.
















