Студенти од Бугарија, Германија, Франција и Северна Македонија трета година по ред учествуваат на летната школа „Да ја преосмислиме Европа заедно“, која годинава покрај Берлин, Париз, Скопје и Софија вклучува и посета на Солун, јавува БТА, пренесува Трибуна.
Иницијативата, основана во 2024 година и финансирана од Француско-германската младинска канцеларија, има цел да го поттикне дијалогот меѓу млади лидери од универзитети во Берлин, Софија, Дижон и Скопје. Програмата им овозможува на студентите по политички науки и меѓународни односи да се сретнат со државни претставници, дипломати и експерти за актуелни европски и балкански прашања.
Бугарскиот студент Николај Марков изјави дека целта на програмата е „подобрување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“, а воедно нуди можност за создавање нови пријателства и контакти меѓу младите.
Проф. Иван Дамјановски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје објасни дека вклучувањето на Грција во програмата е поврзано со темите за помирување, политиките на сеќавање и пристапувањето кон ЕУ.
Организаторите истакнуваат дека сакаат да изградат долгорочна мрежа на поранешни учесници и веќе работат на обезбедување средства за ново издание на проектот.
Како резултат на соработката меѓу учесниците, во ноември 2025 година во Нов бугарски универзитет беше формиран студентски клуб за меѓукултурен дијалог, а неодамна сличен клуб е основан и во Скопје.





















