Последната средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, која се одржа во четврток и петок во Скопје, поминала „на веќе познатиот начин – без резултати“, соопштиле за БТА од бугарскиот состав на комисијата.
Членовите на комисијата од Северна Македонија одбиле да биде усвоен принципиелно усогласениот уште во јуни 2024 година текст на препораката за претставување на Охридската архиепископија во учебниците за седмо одделение во Република Северна Македонија.
Во вториот ден од состанокот, бугарските претставници ги запознале своите колеги од Северна Македонија со текстот во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија, усвоен од Комисијата за надворешни работи (AFET) на 3 јуни, кој директно се однесува на работата на историската комисија.
„Силно се охрабрува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија да постигне јасни и опипливи резултати; текстовите треба да ја одразуваат интерпретацијата на историските факти и личности од заедничката историја на двата народа, заснована врз објективни, автентични и на докази базирани историски извори и документи, научна интерпретација и историски документи, како што е утврдено во Вториот протокол кон Договорот за добрососедство со Бугарија“, се наведува во компромисниот текст усвоен од AFET, за кој информираа и медиумите во Северна Македонија.
Следната седница на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе се одржи во септември во Софија.
Со доаѓањето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ на власт, составот на комисијата од страна на Република Северна Македонија беше променет, при што во неа остана само еден претставник од нејзиниот претходен состав.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања е формирана како резултат на потпишаниот на 1 август 2017 година Договор за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија.
Досега заедничката историска комисија во 2019 година усвои препораки за заедничко одбележување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум Охридски, Свети Климент Охридски и цар Самуил, како и препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Северна Македонија и петто одделение во Бугарија.





















