Шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Кирило Буданов, денес изјави дека постојат реални основи за прекин на борбите пред зимата, но дека не е исклучено Русија да ги напушти овие договори во последната точка од преговорите.
Тој потврди дека украинскиот лидер Володимир Зеленски рекол дека постои можност за преговори со Русија и дека дал инструкции со цел што поскоро да се заврши војната, пренесува „Униан“.
„И потврдувам дека ова е, всушност, негов обид да ги запре непријателствата што е можно поскоро, по можност пред зимата“, рече Буданов на форумот „Безбедносна архитектура 2026“.
Буданов оцени дека таквата цел е апсолутно точна, навремена и добро осмислена и дека има доволно можности да се постигне.
„Ако Русија на крајот одбие – а тоа исто така може да се случи, не заборавајте дека и ова може да се случи. Сепак, во моментов има реални знаци дека основата за прекин на непријателствата веќе постои“, нагласи Буданов.
Според него, украинските напади врз руска територија имаат за цел да ја охрабрат земјата агресор на дијалог за завршување на војната.
Буданов рече дека очекува американската делегација наскоро да го посети Киев, како и Москва.
Тој потсети дека украинскиот претседател зборувал за очекуваната посета на американската делегација во блиска иднина. „Можам да го потврдам сето ова и ние се подготвуваме за тоа“, рече шефот на претседателскиот кабинет.
Буданов, исто така, истакна дека американската страна потврдила дека нивната делегација планира да ги посети Киев и Москва во блиска иднина.
„Што се однесува до процесот на преговори, никогаш не реков дека сме во ќорсокак. Сè уште го имам тоа мислење, бидејќи одредени процеси се во тек. Тие, на пример, можеби не се целосно јавни“, нагласи Буданов.
Зеленски претходно рече дека Украина очекува советниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, да дојдат во Киев, пренесува Танјуг. Тој додаде дека тоа би можело да се случи за две недели и дека добил таква порака од украинскиот преговарачки тим.
Текстот Буданов за војната во Украина : Можно е да заврши пред зимата е превземен од МАКФАКС.





















