Петмина мажи се извлечени на сигурно од поплавената пештера во Лаос, додека за уште двајца селани сè уште се трага, соопштија спасувачките екипи. Се претпоставува дека тие влегле во пештерата одделно од групата што веќе е пронајдена.

Според информациите, меѓународните спасувачки тимови во провинцијата Ксајсомбун продолжуваат со интензивна операција. Приоритет се испумпување на водата, доставување храна и лекови и проценка дали заробените мажи се доволно физички подготвени за ризично извлекување низ подводни и тесни канали.

Малезискиот спасувач Ли Кјан Лие изјави дека тимовите се обидуваат да ја придвижат опремата подлабоко во пештерата за да се зголеми испумпувањето на водата пред нови обиди за пронаоѓање на исчезнатите.

„Се обидуваме да ја преместиме опремата подлабоко за да испумпаме повеќе вода пред да тргнеме во потрага по двајцата селани“, рече тој.

Истовремено, потрагата е проширена и од другата страна на планината, откако локални жители пријавиле дека слушнале звуци од возила и човечки гласови, што би можело да укажува на можен алтернативен пристап или излез.

Во спасувачката операција учествуваат специјалисти за пештерско нуркање од повеќе земји, меѓу кои Јапонија, Франција, Австралија, Малезија и Индонезија. Дел од нив имаат искуство и од познатата акција за спасување деца од пештерата Тхам Луанг во Тајланд во 2018 година.

Францускиот нуркач Робин Куеста го опиша извлекувањето на првиот преживеан како „чудо“, но предупреди дека останатите се соочуваат со исто толку опасен пат до излезот.

Групата од осум селани првично влегла во пештерата во потрага по злато, но била заробена поради ненадејни поплави. Еден од нив успеал да излезе и да побара помош, по што започнала спасувачката операција.

Текстот (Видео) Спасени петмина од поплавената пештера во Лаос, се трага по уште двајца е превземен од МАКФАКС.