Родителите на загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ги повикуваат сограѓаните во сабота да им се придружат на 44-тиот „Марш на ангелите“, што ќе се одржи на денот на Задушница.

Маршот ќе започне на 30 мај 2026 година (сабота), со почеток во 19:05 часот, на спортското игралиште во село Ратавица, Пробиштипско.

„На денот на Задушница, со тишина, молитва и болка што не поминува — ќе чекориме за нашите Ангели. За оние чии гласови замолкнаа прерано, но чие присуство засекогаш останува во нашите срца“, порачуваат родителите.

Тие потсетуваат дека на Задушница не се заборава, се палат свеќи, се изговараат имиња и се носи љубовта кон оние што физички ги нема, но духовно остануваат присутни во секој чекор.

Маршот, како што наведуваат, е посветен на 63-те Ангели, на повредените и на правдата што, според нив, се должни да ја истраат до крај.

„Не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница“, порачуваат организаторите на 44-тиот „Марш на ангелите“.