Откако минатата година беше претставен дизајнерски концепт, проектот за оживување на „Југо“ влегува во нова фаза со откривање на првите технички детали и целната цена. Новите информации за враќањето на автомобилот, кој во Југославија се произведуваше од 1980 до 2008 година, ги пренесува германскиот Welt.de.
Дополнителните фази на концептот и првите технички детали беа претставени на конференција во Белград. Според тие информации, првиот модел треба да добие хибриден погон со технологија на продолжен досег (range extender). За разлика од plug-in хибридите, системот нема да има можност за надворешно полнење, туку моторот со внатрешно согорување ќе служи првенствено како генератор за производство на електрична енергија.
Погонот треба да поддржува различни видови гориво, а во идеални услови би трошел само 2,2 литри на 100 километри. Цената на новиот „Југо“ е планирана околу 12.000 евра.
Визуелно, новиот модел останува верен на концептот прикажан во 2025 година. Сè уште е планиран компактен автомобил со три врати, јасен дизајн и спортски карактер, со цел да се спои духот на оригиналниот модел со модерната индустрија.
Зад проектот стои српскиот претприемач Александар Бјелиќ, универзитетски професор по економија кој живее во Германија и има 30 години искуство во автомобилската индустрија. Тој е сопственик на четири компании, од кои една е најстарата светска компанија за авто-козметика, основана во 1878 година. Бјелиќ минатата година успеал да ги добие правата за името „Југо“ и сака марката долгорочно да ја позиционира како производител на достапни и ефикасни возила.
Дизајнот на автомобилот го осмислил српскиот дизајнер Дарко Марчета, кој има работено и на разни типови возила. Во тимот се и финансискиот експерт Синиша Босанац, поранешен тест-возач Синиша Арсиќ и Војислав Милетиќ, пренесува „Индекс“.
Според претходните најави, прототип подготвен за возење треба да биде претставен во 2027 година на Експо во Белград. Дали од тоа навистина ќе настане сериски модел, ќе покаже времето.
„Југо“ беше мал градски автомобил што се произведуваше во поранешна Југославија, во фабриката „Застава“ во Крагуевац, од 1980 година. Иако технички беше едноставен и често критикуван за послаб квалитет, „Југо“ имаше голема симболика — беше првиот автомобил на многу семејства.
Дизајниран е врз база на Fiat, а неговата едноставност беше и предност и мана — лесно се поправаше, но често и бараше поправки. Најголем успех му беше извозот во САД, каде се продаваше под името „Yugo GV“ (Great Value). Беше најевтиниот нов автомобил на американскиот пазар.
Текстот (Видео) „Југо“ се враќа како хибрид со цена од 12.000 евра е превземен од МАКФАКС.






















