Дванаесет возрасни лица и две деца се повредени откако трамвај излета од шините на улица во Белград, пишува порталот „N1“.
Единаесет од повредените се пренесени во Ургентниот центар, едно лице во Клиничката болница Звездара, додека две деца се пренесени во болницата Тиршова, според Одделот за итни случаи.
Според досегашните информации, тројца од повредените се здобиле со сериозни повреди, вклучувајќи контузии и скршеници.
Несреќата се случила утрово околу 9:30 часот, кога трамвајот излетал од шините и удрил во зграда. Сообраќајниот инженер и претседател на Синдикатот ГСП „Центар“, Иван Банковиќ, изјавил за „N1“ дека причина за несреќата е проблем со прекинувачот.
„Се слушна силен тресок. Кога излеговме надвор да видиме што се случува, го видовме трамвајот како се удира во зградата. Требаше да продолжи право, по улицата. Слушнавме извици, женски глас, луѓето беа во шок. Полицијата и брзата помош пристигнаа многу брзо, го обезбедија местото и почнаа да ги носат повредените“, изјавил очевидец за „Nova.rs“.
Тој додаде дека трамваите на тој дел од трасата често патуваат со малку поголема брзина бидејќи најчесто продолжуваат право низ раскрсницата.
„Веројатно не очекувал да сврти. По ударот, настанала паника. Патниците удирале по вратите и прозорците за да излезат, некои скокале од трамвајот. Вратите не можеле да се отворат“, вели соговорник од местото на несреќата.
Трамвајот излетал од шините и поминал преку калдрмата. Екипи на брза помош и полиција пристигнале на местото на несреќата за неколку минути. Болничарите ги ваделе луѓето од трамвајот на носилки. Трамвајот го управувала жена. Сите мислевме дека таа е најтешко повредена кога трамвајот удри во зградата, но за среќа не беше така и на крајот сама излезе од кабината“, изјавил за порталот „Нова.рс“ Страхиња Чирковиќ, очевидец на несреќата.
Текстот (Видео) Патници скокале од трамвајот кој удри во зграда во Белград: „Вратите не се отвораа, се предизвика паника“ е превземен од МАКФАКС.






















