Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека европските политичари кои јавно го критикуваат за разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, во исто време се зад затворени врати обидувајќи се да дознаат што рекол рускиот лидер.
Фицо оцени дека таквото однесување е доказ за лицемерие во европската политика, наведувајќи дека јавно секој обид за дијалог со Москва е осуден, додека во приватните разговори се покажува голем интерес за ставот на Кремљ. На 9 мај тој беше во Москва, каде што присуствуваше на прославата на Денот на победата и се сретна со Путин, што предизвика критики од некои европски претставници.
„Жал ми е што нема дијалог. Ова лицемерие не може да продолжи. Се среќавам со рускиот претседател, сите ме критикуваат, а потоа ме повикуваат или сакаат да се сретнат и прашуваат: „Што рече Путин?“ Ова е бескрајното лицемерие на кое сум сведок во последно време“, рече Фицо.
Словачкиот премиер претходно изјави дека Европа мора да го обнови директниот дијалог со Русија, особено кога станува збор за безбедноста, енергијата и можностите за завршување на војната во Украина. По средбата во Кремљ, тој изјави дека добил важни информации од Путин за руската визија за решавање на украинскиот конфликт и најави дека ќе им ги пренесе на европските партнери.
Фицо, исто така, за време на посетата на Москва рече дека не сака нова „железна завеса“ меѓу Европската Унија и Русија, туку прагматични односи и дијалог, без оглед на политичките разлики. Според медиумските извештаи, тој бил еден од ретките европски лидери кои тој ден престојувале во руската престолнина.
Текстот Словачкиот премиер: Европа јавно го осудува дијалогот со Москва, но тајно го бара е превземен од МАКФАКС.























