Кинескиот претседател, Шји Џинпинг, му рекол на американскиот претседател, Доналд Трамп, за време на нивниот состанок минатата недела дека рускиот претседател, Владимир Путин, можеби ќе зажали за инвазијата врз Украина, објавува објавува „Фајненшнл тајмс“.

Според повеќе извори запознаени со проценката на американската страна за самитот од минатата недела во Пекинг, кинескиот претседател ги дал коментарите за време на широки разговори што ја опфатиле и војната во Украина, при што Трамп сугерирал дека тројцата лидери треба да работат заедно против Меѓународниот кривичен суд.

Шји, според изворите, отишол подалеку отколку во претходните разговори кога станувало збор за одлуката на Путин да започне инвазија на соседната земја во 2022 година. Едно лице запознаено со разговорите на Шји со поранешниот претседател Џо Бајден рече дека и тие разговори биле „отворени и директни“, но дека кинескиот претседател во тоа време не дал никакви проценки за Путин или војната.

Информацијата доаѓа додека Путин се подготвува да пристигне во Кина за самит со Шји, само четири дена откако кинескиот лидер го угости американскиот претседател за нивната втора средба откако Трамп се врати во Белата куќа.

Путин ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, само три недели по посетата на Кина за време на која тој и Шји прогласија „партнерство без ограничувања“. Неговата дводневна посета оваа година доаѓа 25 години откако тогашниот кинески претседател Џијанг Цемин потпиша договор за пријателство со Путин.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори на барањето за коментар, а Белата куќа одби да коментира за обвинувањата. Администрацијата на Трамп објави документ за самитот во Пекинг во неделата, но во него не се споменаа дискусиите за Путин или војната во Украина.

За време на средбата со Шји, Трамп исто така предложи САД, Кина и Русија да ги здружат силите за да се борат против Меѓународниот кривичен суд, тврдејќи дека нивните интереси се усогласени, велат изворите.

Белата куќа не ја коментираше изјавата за судот. Но, администрацијата на Трамп претходно остро го критикуваше Меѓународниот кривичен суд, обвинувајќи го за политизација, злоупотреба на моќ, непочитување на американскиот суверенитет и пречекорување на неговата надлежност. Некои официјални лица го нарекоа инструмент на таканаречена судска војна против САД.

 

 

фото/Depositphotos

Текстот Шји му рекол на Трамп дека Путин можеби ќе зажали за инвазијата врз Украина, објавува „Фајненшнл тајмс“ е превземен од МАКФАКС.