Хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје, под раководство на маестро проф. м-р Сашо Татарчевски, настапи на еден од најголемите универзитетски фестивали во Европа.

Universitas Cantat е фестивал со долга традиција и форум на најквалитетните универзитетски хорски ансамбли од светот. Хорот „Драган Шуплевски“ по третпат ја доби поканата за учество, што, како што велат, само по себе е извонредно признание.

Концертите на хорот „Драган Шуплевски“, овој пат во формација на женски хор, поминаа со огромна посетеност и интерес. Првиот концерт се одржа во градот Калиш, во прекрасната катедрала „Св. Никола“.

„После концертот, свештеникот кој ја раководи катедралата организираше прием за хорот, при што имавме чест да видиме голема фреска на која се претставени патроните на нашиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, светите браќа Кирил и Методиј“, соопштија од хорот.

Вториот концерт се одржа во впечатливата концертна сала на универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, пред бројна публика, која не штедеше аплаузи после изведбата на секоја од композициите. За овој концерт маестро Татарчевски избра програма со композиции од македонските бардови на хорското творештво: Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски.

Посебно впечатливи и позитивни беа бурните реакции на останатите учесници на фестивалот, ансамбли од САД, Германија, Унгарија и Полска кои ги продолжија аплаузот и овациите и откако нашите девојки ја напуштија сцената.

Освен самостојните концерти,  студентките учествуваа и во работилници како и во заедничката подготовка и изведба на композицијата On – Off од композиторот Зузана Фалковска, специјално создадена за овој настан.

„Ваквите континуирани успешни настапи на хорот ‘Драган Шуплевски’ значат голема афирмација за Факултетот за музичка уметност, УКИМ и за државата во целина и носат покани за учество и на други еминентни музички настани. Овие настапи и претставувања на Факултетот за музичка уметност – Скопје се поддржани од Министерство за култура УКИМ и ФМУ – Скопје, а се под покровителство на претседателката на државата, Н.Е. Гордана Сиљановска – Давкова по повод 60 години ФМУ – Скопје“, се наведува во соопштението.

Текстот Хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје настапи на еден од најголемите универзитетски фестивали во Европа е превземен од МАКФАКС.