Општина Илинден, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на жителите, и оваа година продолжува со спроведување на Јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима уреди или соларни панели, со цел унапредување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина.

Со јавниот повик се предвидува кофинансирање во висина од 50 проценти од вредноста на набавениот клима уред или соларен панел, односно најмногу до 10.000 денари по производ.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека целта на оваа мерка е да се поттикне користењето на енергетски ефикасни и еколошки прифатливи решенија во домаќинствата, со што директно се придонесува за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Право на учество на Јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во Општина Илинден кој ќе набави инвертер клима уред или соларен панел од денот на објавувањето на јавниот повик, односно од 18.05.2026 година (понеделник), па сè до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена, при што правото на субвенционирање може да се оствари само еднаш за едно семејство со иста адреса на живеење.

Барањата ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување, по принципот „прв дојден, прв услужен”. Комисијата задолжена за разгледување на барањата го задржува правото да изврши увид на лице место за поставениот инвертер клима уред или соларен панел.

Сите заинтересирани граѓани дополнителни информации за условите, критериумите и потребната документација можат да добијат во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб-страница на Општината (ilinden.gov.mk).

Текстот Oпштина Илинден објави повик за субвенции за инвертер клими или соларни панели е превземен од МАКФАКС.