Пејачката Бебе Реџа, која живее и работи во САД, а има потекло од Македонија, реагираше по најавата за протестот на албанските студенти во земјава, кои бараат правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Протестот е закажан за денеска.
Во објава на Инстаграм, пејачката вели дека албанскиот јазик е длабоко поврзан со националниот идентитет и дека генерации се бореле за негово зачувување.

„Нашиот албански јазик е длабоко вкоренет во нашиот идентитет. Со генерации се боревме да го зачуваме и да го одржиме во живот“, напиша Бебе Реџа.
Таа пишува дека Северна Македонија е мултиетничка држава, изградена врз коегзистенција и еднакви права за сите заедници, посочувајќи дека албанскиот е признат како коофицијален јазик.
Во реакцијата, пејачката истакна дека албанските студенти заслужуваат исти права и можности како и сите останати.
Протестот на албанските студенти ќе започне во 16:30 часот кај Камениот мост во Скопје.
Блета Реџа е родена на 30 август 1989 година во Бруклин, Њујорк, од родители Албанци од Македонија. Нејзиниот татко, Фламур Реџа, е роден во Дебар и емигрирал во САД на 21 година. Нејзината мајка, Букурије, е родена во Соединетите Американски Држави во албанско семејство со корени во Гостивар.
Текстот Бебе Реџа со поддршка за протестот на албанските студенти: „Албанскиот јазик е длабоко вкоренет во нашиот идентитет“ е превземен од МАКФАКС.






















