Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кристоф Камп. Во фокусот на разговорот беа правата на заедниците, меѓуетничките односи и реформите поврзани со европската интеграција.
Сали ја истакна важноста на поддршката од ОБСЕ за зајакнување на владеењето на правото, демократското управување и општествената кохезија, како и за унапредување на конструктивните меѓуетнички односи во духот на Охридскиот рамковен договор.
На средбата беше нагласено дека Охридскиот рамковен договор останува основа за демократско, инклузивно и мултиетничко општество засновано врз еднакви права, меѓусебна почит и учество на сите заедници. Беа разгледани и наодите од Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој се забележуваат предизвици во спроведувањето на Договорот, иако правната и институционалната рамка за заштита на малцинствата е воспоставена.
Посебно внимание беше посветено на употребата на јазиците и соодветната и правична застапеност во јавната администрација, со истовремено почитување на принципите на заслуги, професионалност и интегритет.
Соговорниците разговараа и за потребата од поефикасно спроведување на механизмите против дискриминација, спречување на говорот на омраза и делата од омраза, вклучување на Ромите, еднаквост во образованието и заштита на ранливите групи.
Сали нагласи дека заштитата на правата на припадниците на заедниците е важен дел од пристапувањето кон Европската Унија, особено во рамките на поглавјата 23 и 24, како и на реформите предвидени во нацрт-Патоказот за владеење на правото и придружниот акциски план за правата на припадниците на малцинствата.
На крајот беше потврдена важноста на континуираната соработка со ОБСЕ за поинклузивни институции и конкретни резултати за граѓаните.















