Исчезнувањето на Александар Нешовиќ, познат како Баја, кој последен пат бил виден на 12 мај 2026 година во ресторан на Сењак, покрена обемна истрага и доведе до апсење на дури 10 лица. Приведени се осомничени за нападот, нивни помагачи, вработени во локалот, како и тројца полицајци и досегашниот началник на белградската полиција Веселин Милиќ. Вишото јавно обвинителство ја продолжува истрагата, додека судбината на Нешовиќ сè уште е непозната.

Според информациите, сè започнало во вторникот вечерта кога Нешовиќ, човек кој пред четири месеци на Сењак преживеал обид за убиство од платени убијци, пристигнал со својот црн бмв x7 пред угостителскиот објект „Ресторан 27“ на средба со познаници. Блиндираното возило го оставил пред самиот влез на локалот.

Околу 23 часот последен пат разговарал со својата невенчана сопруга Ј.М., на која ѝ потврдил дека е во ресторанот со пријатели, по што неговиот мобилен телефон бил исклучен и секој контакт прекинат.

Загрижена за неговата безбедност, Ј.М. на 13 мај вечерта официјално го пријавила неговото исчезнување.

Припадници на Управата на криминалистичката полиција и Вишото јавно обвинителство веднаш реагирале и околу 21:30 часот влегле во ресторанот.

Таму ги дочекала вознемирувачка сцена – форензичарите пронашле две испукани чаури од калибар 9 милиметри и повеќе траги од крв, за кои постои сомнеж дека му припаѓаат на Нешовиќ.

Увидот продолжил и доцна вечерта на 14 мај, кога истражителите со специјална течност барале траги од крв кои, според сомнежите, некој се обидел да ги отстрани. Во контејнер спроти локалот бил пронајден и отфрлен ајфон од засега непознат сопственик.

Истрагата брзо дала резултати и кругот на осомничени се проширил. Поради сомневање за обид за тешко убиство, недозволено поседување оружје и предизвикување општа опасност, приведени се С.В. и М.С.

Во текот на реконструкцијата на бегството и злосторството, полицијата открила и логистичка мрежа на лица за кои постои сомнеж дека им помагале на сторителите.

Уапсена е и Д.В., сопруга на осомничениот С.В., под сомнение дека од таен „штек“ го донела пиштолот од кој било пукано кон Нешовиќ.

Поради непријавување на злосторството и помагање на сторителите, зад решетки завршиле и сопственикот на ресторанот Н.Л. (50), како и келнерот С.В., кој таа вечер работел во локалот.

Уапсен е и Д.С. (51), кој се сомничи дека по пукањето ги одвел С.В. и М.С. во Јаково. При неговото апсење, полицијата кај него пронашла пасоши и 10.000 евра.

Текстот Траги од крв, црно бмв, чаури и 10 уапсени: Нови детали за мистериозното исчезнување на Александар Нешовиќ, познат како Баја е превземен од МАКФАКС.