Американскиот онколог Стивен Корнфелд, кој бил патник на бродот „MV Hondius“, е позитивен на хантавирус и моментално се наоѓа во биолошка изолација во медицински центар во Небраска.

Корнфелд изјавил дека за време на крстарењето почувствувал ноќно потење, треска, замор и благи респираторни проблеми, а симптомите првично личеле на грип.

„Тогаш мислевме дека е само некаков вирус“, изјавил тој за Си-Ен-Ен.

Кога бродскиот лекар се разболел, Корнфелд презел грижа за болните патници, при што бил во близок контакт со патник кој подоцна починал.

Според здравствените власти, станува збор за андски сој на хантавирус, единствениот познат хантавирус што може да се пренесува од човек на човек. Досега се потврдени девет случаи на зараза на бродот, а тројца патници починале.

Иако моментално нема симптоми, Корнфелд останува во строга изолација поради можноста болеста дополнително да се развие.

Патниците ќе бидат под здравствен надзор 42 дена, додека бродот ќе биде целосно деконтаминиран во Ротердам.

Текстот Лекар од крузерот позитивен на хантавирус: „Симптомите личеа на грип“ е превземен од МАКФАКС.