Во Собранието, во рамки на Клубот на младински прашања и политики, се одржа средба меѓу пратеници и ученици од средните училишта, учесници во програмата „Најгласни“, која ја имплементираат Фондацијата Конрад Аденауер и Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).

Настанот беше посветен на унапредување на дијалогот меѓу младите и носителите на одлуки, со цел младинските ставови, идеи и предизвици директно да бидат слушнати во законодавниот дом.

На присутните им се обратија Даниел Браун од Германската фондација Конрад Аденауер и пратеничката Драгана Бојковска, претседателка на Клубот на младински прашања и политики, кои ја истакнаа важноста од активно учество на младите во креирањето политики и процесите на донесување одлуки.

Беше нагласено дека младите претставуваат важен двигател на општествениот развој и дека институциите треба континуирано да создаваат простор за нивно вклучување, размена на идеи и иницијативи кои придонесуваат за подобрување на условите за живот и образование.

Учениците имаа можност отворено да разговараат со пратениците и да поставуваат прашања за теми што директно ги засегаат младите. Во фокусот на дискусијата беа подобрувањето на условите во образованието, унапредувањето на средношколскиот стандард, состојбите во студентските домови, менталното здравје кај младите, како и потребата од создавање подобри перспективи за задржување на младите во државата.

Во текот на средбата беше потенцирана и важноста од градење системски решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат младите, преку заедничка соработка меѓу институциите, образовните установи, граѓанскиот сектор и самите млади.

Средбата помина во конструктивна и интерактивна атмосфера, со активна вклученост на учениците, кои преку свои предлози и размислувања придонесоа кон отворање значајни прашања поврзани со младинските политики и иднината на младите во земјата.

Текстот Средношколци ги отворија клучните прашања пред пратениците е превземен од МАКФАКС.