Пронајдени се телата на двајца планинари од Сингапур кои исчезнаа по ерупцијата на вулканот Дуконо во Индонезија. Двојката беше пронајдена прегрната под одрон на карпа на островот Халмахера. Шефот на индонезиската агенција за спасување, Иван Рамдани, рече дека извлекувањето на телата е исклучително тешко поради тешкиот терен и дождот, и дека телата се носат во локалната болница за обдукција.

Операцијата за спасување е отежната и од тековните ерупции. Вулканот постојано исфрла пепел од петокот, во еден момент достигнувајќи висина од речиси десет километри. Шефот на полицијата во Северна Халмахера, Ерлихсон Пасарибу, пред три дена изјави дека и покрај предупредувањата на социјалните медиуми и знаците на теренот, „многумина сè уште одлучуваат да се искачуваат, мотивирани од желбата да создадат содржина за објавување на интернет“.

„Тие беа свесни дека искачувањето е забрането бидејќи планината е во зона на висока тревога, но инсистираа на тоа“, додаде тој. Во потрагата по исчезнатиот пар, која започна вчера наутро, учествуваа околу 150 луѓе. Областа околу работ на кратерот беше пребарана и со помош на термални дронови.

Не е познато кога телата на починатиот пар ќе бидат вратени во Сингапур
Завчера, спасувачите ја потврдија и смртта на индонезиски планинар. Преживеале 17 лица, седум Сингапурци и десет Индонезијци. Според соопштението од Министерството за надворешни работи на Сингапур, седум спасени граѓани се вратиле во своите домови вчера. Сè уште не е познато кога телата на починатиот пар ќе бидат вратени во Сингапур.

Индонезиската агенција за вулканологија вчера регистрираше најмалку четири ерупции досега, при што една исфрли пепел во висина од речиси километар и половина. Планината Дуконо е на третото од четири нивоа на опасност, а секоја активност во радиус од четири километри од кратерот е забранета.

Текстот Телата на двајца планинари пронајдени прегрнати по ерупција на вулкан во Индонезија е превземен од МАКФАКС.