Резервите на муниција и тактички ракети на американската војска се сериозно исцрпени, предупреди вчера американскиот демократски сенатор Марк Кели.

„Мислам дека е фер да се каже дека е шокантно колку длабоко сме навлегле во тие резерви“, изјави сенаторот за американската телевизиска мрежа CBS News.

Кели рече дека американскиот претседател Доналд Трамп ги вовлекол САД во војна со Иран „без стратешка цел, без план, без временска рамка и како резултат на тоа потрошивме многу муниција“.

Кели, висок член на Комитетот за вооружени сили, цитираше извештаи од Пентагон во кои се детализирани резервите на специфични ракети, вклучувајќи ги ракетите Томахавк АТАКМС, СМ-3 и оние што се користат во системите Патриот. Ќе бидат потребни „години“ за да се надополнат тие резерви, рече тој, без да даде конкретни бројки.

Тој предупреди дека САД можеби нема да можат да се одбранат во случај на продолжен конфликт. САД тогаш би се нашле „во полоша позиција“ отколку ако „оваа војна со Иран не се случеше“, рече Кели.

Пентагон во моментов бара одобрение за значително зголемување на трошоците за одбрана. Предлог-буџетот на администрацијата на Трамп за фискалната 2027 година предвидува речиси 1,5 билиони долари трошоци за одбрана.

Кели го опиша како „скандалозен“, велејќи дека буџетот на Пентагон бил 700 милијарди долари кога тој се приклучил на Сенатот пред пет и пол години, објави ДПА.

Според Пентагон, војната во Иран ги чинела САД приближно 25 милијарди долари до крајот на април. Оваа бројка ги претставува проценетите вкупни трошоци од нападот на САД врз Иран кон крајот на февруари, од кои поголемиот дел биле потрошени за муниција.

Текстот Американски сенатор: Нашите залихи на муниција и ракети се сериозно исцрпени е превземен од МАКФАКС.