Кубанската влада ја одбила понудата на САД за хуманитарна помош во вредност од околу 100 милиони долари, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. Според него, одбивањето доаѓа во период кога островот се соочува со тешки последици од ураган, сериозен недостиг на гориво и длабока економска криза.
Рубио изјави дека САД биле подготвени да испратат дополнителна хуманитарна помош, но дека кубанските власти не дале согласност за нејзина распределба.
„Понудивме хуманитарна помош од 100 милиони долари за која, за жал, до денес не е дадена согласност да се дистрибуира до народот на Куба. Ние сакаме да помогнеме, но режимот е тој што тоа не го прифаќа“, рече Рубио.
Тој додаде дека за прашањето разговарал и со поглаварот на Католичката црква, изразувајќи надеж дека ќе се најде начин помошта да стигне до населението.
Куба: „Станува збор за измислица“
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригес Парила остро ги отфрли тврдењата на Вашингтон, нарекувајќи ги лажни и политички мотивирани.
„Тоа е измислена приказна за да се оправда непријателскиот пристап кон Куба“, напиша тој на социјалната мрежа X, додавајќи дека нема никаква официјална понуда од 100 милиони долари.
Продлабочена економска криза на островот
Куба веќе подолго време се соочува со сериозни проблеми – недостиг на гориво, чести прекини на електричната енергија и ограничен пристап до храна и лекови. Според извештаи на Обединетите нации, состојбата е оценета како „акутна и долготрајна хуманитарна криза“.
САД ги засилуваат санкциите
Вашингтон во последните месеци дополнително го заостри економскиот притисок врз Хавана преку нови санкции против компании и поединци поврзани со кубанските власти.
Рубио изјави дека дел од тие структури располагаат со големи средства, но тие не се користат за јавни потреби.
„Тоа не се пари што одат за патишта, мостови или храна за народот“, рече тој, најавувајќи можност за нови санкции во иднина.
Текстот Рубио тврди дека Куба ја одбила американската хуманитарна помош од 100 милиони долари е превземен од МАКФАКС.























